За Институтот за Математика
From institutzamatematika
Институтот за математика при Природно математичкиот факултет во Скопје е единствената наставно-научна институција во Република Македонија која подготвува кадар од областа на математичките науки во сите степени на образованието – додипломски, постдипломски студии и стекнување степен доктор по математички науки.
Основан е во далечната 1946 год., како Катедра по математика во рамките на Филозофскиот факултет во Скопје, на која наставата ја изведувале тројца професори и двајца соработници, за да во 1958 год. прерасне во Институт за математика при ново формираниот Природно-математички
факултет. Со реформите во 1977 година ИМ формира, заедно со другите катедри по математика од техничките факултети во Скопје, Математички факултет при Центарот за математичко-технички науки при Универзитетот Св."Кирил и Методиј" во Скопје.
Вo 1985 година, со повторните измени во ораганизацијата на Универзитетот, повторно е формиран Природно-математички факултет, a Математичкиот факултет преминува во Институт за Математика при овој факултет како негова посебна работна единица и како таква опстојува и денес.
Денес Институтот за математика претставува посебна работна единица при Природно-математичкиот факултет. Во универзитетскиот свет каде што традицијата значи многу, 60 години традиција зборуваат дека Институтот за математика има постигнато завидно ниво во наставно-научната работа, со високи стандарди во наставата и современи наставни содржини. Водејќи сметка да ја зачува традицијата, но и да ги следи современите текови во науката и технолошкиот
напредок во целост, со повремени промени на наставните планови и студиските насоки, Институтот за математика формира квалитетни кадри кои може да одговорат на предизвиците на современиот живот.
Институтот за математика им нуди на студентите услови за квалитетно совладување на наставните содржини. Институтот за математика располага со современа читална и библиотека која содржи околу 24000 наслови на математичка литература, и огромен број периодични списанија од целиот
свет. Последните години Институтот за математика обрнува особено внимание и на сопствената издавачка дејност, со цел да им обезбеди на студентите основна литература на
македонски јазик по најголем број од наставните предмети.
Наставниците и асистентите на Институтот за математика според своите интереси во научно-истражувачката и наставно-научната работа се организирани во пет заводи: Завод за анализа, Завод за алгебра и геометрија, Завод за топологија, Завод за применета математика и Завод за методика на наставата и елементарна математика. Предметите од областа на филолошките, педагошките и психолошките науки ќе се реализираат од страна на високообразовните институции кои се матични за овие дисциплини. Организацијата околу реализацијата на оваа настава е
обврска на Природно-математичкиот факултет.
