Проф. др. Никита Шекутковски

Од institutzamatematika

Скокни на: содржини, барај

Nikita 2.jpg

Д-р Никита ШЕКУТКОВСКИ, редовен професор, е роден во Скопје на 19 септември 1956 година. Основно и средно училиште завршил во Скопје. Во текот на школувањето освоил повеќе први места на републичките и на градските натпревари по математика. Во учебната 1975/76 ги започнал студиите по математика на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Дипломирал во 1979 г.. со одличен успех. На 1.3.1980 се вработил на тогашниот Математички факултет.
Магистрирал во Скопје, во 1983, со магистерскиот труд "Алгебарски инваријанти во теоријата на права хомотопија". Докторската дисертација со наслов "Кохерентни инверзни системи и теорија на јак облик" ја одбранил на 12.7.1986 на Свеучилиштето во Загреб. Ментор на магистерската работа и докторската дисертација бил д-р С. Мардешиќ, професор емеритус на Природословно-математичкиот факултет во Загреб и академик на ЈАЗУ / ХАЗУ.
Во 1987 е избран за доцент, во 1993 за вонреден професор и во 1998 за редовен професор на Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Неговата научна работа е од областа топологија, а неговите најзначајни трудови се од подрачјето кохерентна хомотопија, познато во математиката по скоро невозможната сложеност при постигнувањето кохерентност во бесконечен број димензии. Автор е на повеќе од триесет научни трудови (приложен список).
Учествувал со свои предавања на специјализирани научни конференции по топологија во Италија, Шпанија, Јапонија, Полска, САД , Хрватска. Одржал предавања по покана на повеќе универзитети меѓу кои Универзитетот во Оксфорд и Универзитетот во Мадрид.
Последни негови учества на конференција и гостувања:

  • 2005 предавање одржано по покана на Полската академија на науките. на International Conference and Wokshops on Geometric Topology – Borsuk centennial conference 3-10.07.2005 (http://www.impan.gov.pl/BC.old/05Borsuk/notes.html)
  • 2007 предавање по покана од Бугарската Академија на науките на Конференцијата по повод 60 години од Институтот за математика и информатика на БАН
  • 2008 поканет гостин на 12. конгрес на српските математичри, Нови Сад
  • 2009 предавање по покана на Тополошкиот семинар на Универзитетот во Загреб со наслов: Внатрешна дефиниција на облик за компактни метрички простори
  • 2009 учество на Пролетната конференцијата по Топологија и динамички системи на Универзитетот на Флорида, 7-11.03.2009, со предавање Intrinsic definition of strong shape for compact metric spaces

Рецензент е на списанието Topology and its applications, загрепското списание Гласник математички, за списанието International Journal of Mathematics and Mathematical Sciences, и за домашното списание Математички билтен. Од 2001 г. до сега е главен и одговорен уредник на списанието Годишен зборник на Институтот за математика.
Главен организатор е на две интернационални конференции по топологија и апликации во Охрид, 2000, и во Скопје, 2004. Трудовите од конференцјата во 2000, се појавија во редовниот број на списанието Topology and its Applications, 140, Issue 1 (2004). Д-р Никита Шекутковски беше еден од гостувачките уредници за тој број. Беше Претседател на Организациониот одбор на Четвртиот конгрес на математичарите на Македонија во Струга, 19.10.2008-22.10.2008.
Во изминатите години бил раководител на пет научноистражувачки проекти со поголем број на млади учесници. Фундирање на теоријата на облици (билатерален македонско-хрватски проект), Тополошки методи и примена во диференцијална геометрија, Тополошки методи, Тополошка класификација и примени, Теорија на облици, хомотопија и динамички системи, Диференцијабилност на локално линеарно независни множества.
Под негово менторство се одбранети една докторска дисертација и 5 магистерски труда. Два од неговите магистранти предаваат на универзитети во САД. Се работат уште две докторски дисертации и два магистерски труда под негово раководство.
Автор е на три универзитетски учебници:
1) МАТЕМАТИЧКА АНАЛИЗА 1, Просветно дело, Скопје, 2008 (второ издание)
2) РЕДОВИ И АНАЛИТИЧКИ ФУНКЦИИ, Универзитет Св. Кирил и Методиј, Скопје, 2002
3) ТОПОЛОГИЈА, ПМФ, Универзитет Св. Кирил и Методиј, Скопје 2002
Од оваа година е главен и одговорен уредник на списанието за популаризација на математиката Нумерус.во издание на Сојузот на математичарите на Македонија.
Во периодот 1997 -1999 и 2005 - 2007 ја извршуваше функцијата шеф на Институтот за математика на Природно-математичкиот факултет. Во периодот 2001-2003 беше раководител на Заводот за применета математика, а од 1.10.2007 е раководител на Заводот за топологија.


Научни трудови

Стручни трудови